1500x300Кандидати за волонтери од сите хороскопски знаци, пријавете се!

  • Имаш вишок на енергија, холестерол, килограми и време;
  • Имаш помалку енергија, холестерол, килограми и време;
  • Времето, енергијата, холестеролот и килограмите воопшто не те загрижуваат;
  • Сакаш да ги откриеш повеќеслојните значења на кромидот;
  • Имаш специфични вештини (одење по жица, готвење, брзо собирање столчиња);
  • Немаш специфични вештини (одење по жица, готвење, брзо собирање столчиња);
  • Крајно време е да излезеш од дома и малку да ги „олабавиш“ домашните;
  • Те поттикнува древната мудрост „Не прашувај што може „МакеДокс“ да направи за тебе, туку што можеш ТИ да направиш за „МакеДокс“;
  • Ти се прави нешто ново;
  • Не ти се прави ништо ново;
  • Сакаш да гледаш филмови беспари и да се дружиш со убави луѓе.

Оваа година го чекаме осмото издание на фестивалот.  Доколку се пронајде во една или во ниедна од овие точки, а сепак ти се волонтира, пиши ни на volonteri@makedox.mk најдоцна до 30 јули 2017 година и пријави се соло или со другар(ка) и ќе бидеш дополнително известен(а) за следните чекори.

Најголем број од луѓето кои моментално работат на фестивалот почнале баш како волонтер(к)и. Од овде ги поздравуваме и им се заблагодаруваме на сите кои до сега искрено вложиле макар и грам од своето време, минута искрена посветеност и труд.

Нам навистина ни се потребни волотнер(к)и. Имаме навистина конкретни задачи за нив, и навистина го почитуваме волонтерското залагање. И ги третираме како подеднакво важни.  Гледаме да се насмеани, најадени и напиени. Не дозволуваме да седат на цименто!
А ни треба некој за средување на просторот, за лепење плакати, за помош во кујна или на билетарница, за продажба по штандови, за фотографирање, возење или дружење на гости, за помош на шанк, за одржување на просторот, за помош и поддршка за работилници, средби, муабети, проекции – или накратко, за помош и поддршка на сите сектори и аспекти на фестивалот. Во сектори и (неколкучасовни) термини кои секому му одговараат. Нема принудна работа, а посветеноста многу се цени. Годините, знаењата, вештините и хороскопскиот знак не се пресудни. Пресудна е позитивната посветеност. Работата на волонтерите сиве овие години се покажа како клучна за успешното функционирање на фестивалот – волонтерите до сега биле еден од основните зачини на секоја година. Од друга страна, многу волонтери толку се поврзале на фестивалот што веќе се дел од фестивалската екипа.

Што добивате за возврат? Уфффф… прашајте само некој кој претходно волонтирал!
За крај, што би бил Мујо без Хасо или Дилан без Гручо? Баш ништо, исто како и „МакеДокс“ без ВОЛОНТЕРИ! За пријава и секакви дополнителни прашања и дилеми пиши на: volonteri@makedox.mk Се гледаме в август на „МакеДокс“!