РАБОТИЛНИЦИ

vizuelna_naracija_1280x1024

Датум: 22-25.08. 2017 г.
Место:Даут- пашин амам
Време: 14.00-16.00 ч.

ОТВОРЕН ВЛЕЗ ЗА СИТЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ!

Неискажливите слики и сцени остануваат со нас подолго од очекуваното. Дури и без јазик и превод, му зборуваат секому и тераат на размисла. Секогаш се наоѓа некој да ги „фати“ со камера, па не исчезнуваат – некој ќе ги види, друг ќе ги документира, трет ќе ги пренесе… и така живеат. Камерата ги следи движењата преку кои снимателите го доловуваат она што зборовите не можат.


Годинешната работилница на „МакеДокс“, насловена „Една слика, илјада зборови“ се занимава со визуелната нарација и камерата. Фрлајќи светло на улогите и соработката меѓу режисерот и снимателот, кои неретко се еден ист човек, работилницата ќе се потруди да објасни кога камерата ѝ служи на информацијата, а кога на интерпретацијата. Петдневната работилница ја осмислија и ќе ја водат Кристина Первила Андерсон и Туе Стин Мулер, кои најголемиот дел од животот пливаат во документарни води.


Работилницата е замислена како низа бесплатни предавања за сите што сакаат од прва рака да слушнат лични приказни за визуелната нарација. Заедно со филмски режисери и сниматели, тие ќе зборуваат за искуството, вредностите, начините на кои филмовите заведуваат, за грешките и изборите, за начините на кои може да се гледа филмот. Ќе нè пренесат во нивните филмски светови доближувајќи ни ја визуелната нарација од нивните најнови остварувања, кои се дел од годинешната програма на „МакеДокс“.


Една приказна за секој фестивалски ден. Портите на Даут- пашиниот амам се отворени за сите раскажувачи на приказни, а особено за сниматели, режисери и студенти по филм.

 

 

Распоред на предавањата

Ден 1 (21 август): Предавање со Кристина Первила Андерсон. Поканети филмаџии: Атанас Георгиев и Илија Цветковски.

Ден 2 (22 август): Предавање со Кристина Первила Андерсон. Поканети филмаџии: Бранд Феро и Илона Бицевска.

Ден 3 (23 август): Предавање со Туе Стин Мулер. Поканети филмаџии: Аудриус Стонус и Саломе Јаши. Прикажување и разговор за одбраните примери од нивните филмови.

Ден 4 (24 август): Предавање со Туе Стин Мулер. Поканети филмаџии: Пјотр Стасик и Мирослав Јанек. Прикажување и разговор за одбраните примери од нивните филмови.

Ден 5 (25 август): Предавање со Кристина Первила Андерсон и Туе Стин Мулер. Дискусија на теми одбрани од претходните денови.

 


Кристина Первила Андерсон

Родена во 1960 година, Кристина работи како независна продуцентка од Финска од 1988 година. Зад себе има околу 40 креативни долгометражни филмови за ТВ и кино, голем број меѓународни музички продукции и снимања на настапи во живо и на гостувања на странски оперски куќи во Финска и Шведска. Во април 1999 година, ја формира „Милениум филм“. Оттогаш, работела и како аналитичарка, експертка, менторка и модераторка во „Еуродок“, Европската документарна мрежа (ЕДМ) и во програмите за обука на „Чиледок“.


Туе Стин Мулер

Најпознатиот експерт за документарци никогаш нема фатено камера в рака. Но, доволно е што знае како документарците го менуваат светот. Цели 20 години работел како филмски уредник, дистрибутер и фестивалски менаџер во Данскиот филмски одбор. Десет години раководел со Европската документарна мрежа (ЕДМ), а бил и програмски директор на низа филмски фестивали. Како признат експерт за современите источно-европски документарни филмови, денес држи работилници и консултации за филмски режисери и предава на разни европски филмски школи. Своите согледувања ги запишува на www.filmkommentaren.dk, блог кој им помогнал на многумина малку познати филмаџии да си ја најдат публиката.

camera_obscura_1280x1024

Датум: 20-22.08. 2017 г.
Место: Куршумли Ан
Време: 13.00-16.00 ч.

ПРИЈАВУВАЊЕТО Е ЗАВРШЕНО!

Годинава, 16 вљубеници во фотографскиот објектив и игрите со светлината ќе си играат со самите почетоци на визуелниот запис. Со помош на Сашо Н. Алушевски и дел од секцијата на „МакеДокс“ за фото и видео, тие ќе научат по нешто за камера опскура, ќе изработуваат фотоапарати и ќе прават фотографии со нив! Низ тридневните приказни за оваа оптичка направа и практичната игра со темнината и светлината, сите заедно ќе ја истражуваат визуелната нарација, ослободени од технолошкиот товар.

dokunikulci_1280x1024

Датум: 19-25.08. 2017 г.
Место: Куршумли Ан
Време: 11:00-00:00

ПРИЈАВУВАЊЕТО Е ЗАВРШЕНО!

Секој си има понекоја приказна, но не секој сака да ја оживее и сподели, па да допре до навидум поинаква, нечија друга. Секој си има понекоја приказна, но не секој сака да ѝ даде глас, да ја каже својата вистина што може да е и нечија туѓа. Ете зошто раскажувачите се толку важни. Без нив, не би имало приказни што растат и развиваат сила, приказни што наежуваат, замислуваат, поттикнуваат, приказни што ги знаеме зашто добиле крилја… Но, прво никнале! А има ли поубаво место за виреење од „МакеДокс“?

Токму затоа, годинава ја смисливме работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“. Ја замисливме како фантастична можност за дванаесет величествени на возраст од 15 до 18 години да се нурнат во светот на документаристиката. Низ дружба со тимот на „МакеДокс“ и со докажани докупрофесионалци за време на Патувачкото кино, годинешното фестивалско издание и две есенски сесии, тие ќе ја осознаат слободата што ја носи документарната форма, ќе ја истражуваат сопствената креативност, ќе научат понекоја филмска вештина и техника и на крајот, ќе снимат документарно филмче! И сето тоа благодарение на поддршката од Националната фондација за демократија од Вашингтон.