НИЕ СМЕ ВИЗУЕЛНИ

КАЖИ МИ, МОЖЕБИ ЌЕ ЗАБОРАВАМ
ПОКАЖИ МИ, ВЕРОЈАТНО ЌЕ ЗАПОМНАМ
ВКЛУЧИ МЕ И ЌЕ РАЗБЕРАМ

Проектот Ние сме визуелни – едукација и аудиовизуализација на човекови права има намера пораката на оваа поговорка да ја стави во практиката на формалното и неформалното образование за човекови права. „Ние сме визуелни“ е наш мал поттик во обидот за искористување на моќта на аудио-визуелниот медиум како помошно образовно средство во стекнувањето, канализирањето и пренесувањето на релевантни и „здрави“ информации, знаења, ставови и вредности кои ќе водат кон искуствено осознавање на комплексниот систем на човековите права.

Првиот дел од проектот го реализиравме од 2012 до 2014 година заедно со „Студиорум“ од Скопје, „Документ“ од Глазгов, Нирнбершкиот меѓународен филмски фестивал за човекови права и филмскиот фестивал „Филмови кои значат“ од Амстердам со поддршка од Извршната агенција за едукација, аудиовизуелни уметности и култура (ЕАЦЕА) на Европската унија. Се состоеше од различни форми на јакнење на капацитетите, вмрежување, размена на искуства и креирање на образовниот пакет „Ние сме визуелни“.

Вториот дел од проектот го релаизираме заедно со ДокуФест од Призрен и со поддршка од Европската Унија преку ЕИДХР програмата. Оваа фаза од проектот која ќе ја релаизираме од јуни 2016 до јануари 2018 година вклучува обуки на едукатори, имплементација на образовниот сет, следење и евалуација на имплементацијата како и организирање на меѓународна конференција за употребата на аудиовизулените содржини во образованието.

Обуките за примена на програмата ќе бидат оддржани во текот на септември, октомври и ноември 2016 година. За таа цел, ги покануваме сите основни училишта и граѓански организации од земјава да предложат по еден или најмногу двајца наставници или членови на организацијата кои би учествувале во обуките и би ја имплементирале програмата. Пријавувањето се врши со испраќање на следнава ПРИЈАВА за наставници и следнава  ПРИЈАВА за претставници на здруженија на граѓани на contact@makedox.mk најдоцна до 15 ноември 2016 година.

Образовниот пакет „Ние сме визулени“ се состои од 12 креативни документарни филмови и прирачник за работа со нив а е наменет за формалните и неформалните едукатори на млади на возраст од 12-18 години. Дванаесетте внимателно избрани креативни документарни филмови се креaтивни фрагменти од реалноста за којашто сведочат. Нивното гледање несомнено создава емотивно-спознајна врска со прикажаната реалност, повикувајќи ги гледачите да излезат од позицијата на дистанцирани спектатори. Креативниот документарен филм едноставно поттикнува на промислување и дискусија, на коментар и спротивставување на мислењата, а неговата автентичност, пак, силно „мами“ да се домечтае, доразјасни и како таква да се подреди во соодветните фиоки на сопственото знаење. Секако, критичкото конзумирање и модерираната евалуација се препорачани чинители во овој процес. Во пристапот кон документарниот филм, ова е дури и неопходен дел за често многуслојната и нестандардно изразена материја да може да се раслои, разигра и објасни, па така раслоена и искуствено да се запомни. Токму затоа, за секој филм предлагаме интерактивни активности кои ќе го катализираат овој процес на искуствено доживување и спознавање.

Прирачници

Промотивни материјали

Проектот е поддржан од Европската Унија а е имплементиран од МакеДокс и ДокуФест

eu-flag

bela pozadina

dokufest-hr-logo_1