ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ

izlozba

www.instagram.com/darosulakauri/

Кога времето е жешко, прошетката низ гратчето Киатура личи на замаглен подиум во некој клуб. Надземните рудници прават илузија на видлива манганова прашина. Главната река Квирила, која тече низ целиот град, е загадена бидејќи во неа го испуштаат рестото од рудата. На прв поглед, влезот во ова сиво гратче изгледа штуро, но штом погледнете нагоре и ја видите зарѓаната шееесетгодишна жичара како оди горе-долу по планините, oстанувате маѓепсани. „Штом чуеме некој чкрипав звук по жицата за време на транспортот, знаеме дека ќе мора да се поправи и го поправаме,“ вели една жена која дваесет години има работено како кондуктер во жичарата. Шеесетгодишната жичара никогаш не била обновена. Била изградена за време на Советскиот сојуз, со цел да ги пренесува рударите горе-долу низ рудникот. Околу 3,400 луѓе работат како рудари со работно време од 8-12 часа и месечна плата од околу 270 долари. Низ годините се одржувале масивни и помали протести против суровите услови, ниските примања и масовното отпуштање на работниците. Неколкуте смртни случаи го поставиле прашањето колку е безбедно за луѓето да работат во рудниците, длабоко во земјата со опрема која не е обновена откако е поставена, уште од 50тите години. Мнозина рудари потекнуваат од селата кои се на површината на тунелите, па за да си ги прехранат семејствата, тие копаат и користат експлозиви под сопствените домови, барајќи манган. Внатре во тунелите, се слева вода и има недостиг на кислород поради лошиот систем за вентилација. Откако почвата ќе експлодира, хемикалиите остануваат во тунелот. Рударите ја трпат тешката работа за да ги издржуваат своите семејства. Гратчето Киатура го има најголемиот резервоар со манган во Грузија. Рударската работа е најчесто единствениот избор за работа во гратчето. Помладата генерација полека си го пробива патот до главниот град, барајќи посветла иднина, но многумина остануваат и ги следат стапките на своите родители. Мојата приказна се фокусира на животите на рударите кои работејќи во нечовечни услови секојдневно се соочуваат со предизвици. Исто така, на животот на мештаните и младата генерација, кои и покрај многуте нешта кои оневозможуваат среќен живот, сепак остануваат во Киатура бидејќи нивната љубов кон гратчето никогаш не венее.