Жиријата одлучија…

НАГРАДА КРОМИД – за најдобар филм во главната натпреварувачка програма

ПОБЕДНИК:  „Пожар на море“ на Џанфранко Роси

Жири: Лена Пасанен, Дон Едкинс и Владимир Гојун

„Наградата „Кромид“ за најдобар филм во главнатa програма на фестивалот  „МакеДокс“ се доделува на филмот со беспрекорна уметничка експресија кој раскажува приказна што е истовремено актуелна и тешка. Визуелниот јазик во филмот синеатски пристапува кон една особено важна тема во светот денес. Режисерот умешно и несвојствено се занимава со животот и смртта,  откривајќи и’ на публиката нови, интимни слоеви на кризата која се одвива недалеку од нас. Жирито едногласно одлучи да ја додели оваа награда на филмот „Пожар на море“ на Џанфранко Роси од Италија.“

НАГРАДА МЛАД КРОМИД – за најдобар филм во натпреварувачката програма на нови автори

Жири Mила Турајлиќ, Иика Вахкалахти и Стефано Теалди

ПОБЕДНИК: „ Марта и Ники“ на Тора Мартес

„Марта и Ники“ е филм со силна вибрација. Навидум едноставен но способен да ја воведе публиката во една од најсилните субкултури на младата генерација. Ова е посебен, умешно направен филм за две девојки, нивното пријателство, потрагата по корените и искушувањето на машката доминација во светот на хип-хопот. “

ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ: „Земјата што ја освоивме“ на Кристофер Приор

„Земјата што ја освоивме“ е освојувачка филмска приказна сконцентрирана на машката субкултура во Нов Зеланд каде што една мала заедница на земјоделци си го исполнува животот играјќи рагби и пренесувајќи ја оваа практитка од колено на колено.“

ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ: „Две детства“ на Владимир Галовнев

 „Две детства“ е краток филм кој го поттикнува прашањето за важноста на историјата во нашите животи и во општеството. Филмот ги истражува живите и згаснатите традиции, улогата на војните денес и во минатото и начинот на кој генерацискиот јаз влијае на предизвиците со кои се соочуваме.“

НАГРАДА КОКАРЧЕ – за најдобар студентски филм

Жири: Воскресија Андреевска, Наташа Петровиќ и Иван Шопов

ПОБЕДНИК: „Арлет – Храброста е мускул“ на Флоријан Хофман

„На самиот почеток, би сакале да ја истакнеме важноста на самата тема и приказна која авторот избрал да ја претстави и раскаже. Се разбира, изборот на важна, релевантна и провокативна тема никогаш сам по себе не гарантира успешен документарен филм, но, во случајов, сметаме дека е важно да им се даде глас на оние луѓе чиј глас недоволно се слуша, или пак воопшто не се слуша. А приказната за 15-годишната Арлет од Централноафриканската Република е токму таква – приказна за индивидуа која се наоѓа во земја каде владее насилството, стравот, несигурноста и неизвесноста, а надежта за подобар живот ја има во промили. Во такви околности, решеноста да им се даде глас на обезгласените е голема доблест. Секако, самата идеја за раскажување на една ваква приказна никако не е доволна, без соодветно добра и сериозна реализација. А Флоријан Хофман ја раскажува приказната доловувајќи ја сета комплексност на темата, прикажувајќи ја судбината на Арлет во повеќе димензии и од повеќе агли, фокусирајќи се на вистински важните аспекти, без ниту секунда празен од и банализација во филмот. Филмската нарација е полна со живост, непосредност, на моменти и хумор, а сето тоа е изведено ненаметливо, без грубост и претенциозност. Во многу случаи, емпатијата е почетната точка и предуслов за да се создаде еден документарец. Но, мајсторството на Хофман се состои во моќта да ја пренесе сопствената емпатија врз гледачот. Извлекувајќи приказна од еден конкретен културен контекст, авторот на филмот успева да ги истакне универзалните човечки стремежи, надежи, вредности и очекувања. На самиот крај, истакнуваме дека на документарниот филм „Арлет – Храброста е мускул“, гледаме и како на еден бунтовнички чин, иако можеби таа димензија на прв поглед не е највидлива. Спречувањето да се раскаже нечија приказна е првиот и можеби најстрашен аспект на обезмоќувањето на луѓето, токму она што го прават бунтовниците одземајќи ѝ го фотоапаратот на Арлет, за да не остане никакво сведоштво за ужасите (и не само за ужасите) што се случуваат. Парафразирајќи го насловот на филмот, би заклучиле: храброста е раскажување. Зашто, несомнено, потребна е храброст и решителност за да се раскаже приказната на оној што не е во можност самиот да ја раскаже. “

ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ: „Пазар“ на Симон Гилијард 

„Одлучивме да му доделиме и посебно признание (special mention) на филмот „Пазар“ на режисерот Simon Gillard поради неконвенционалното раскажувачко решение. Со својот неверојатно моќен визуелен приказ, овој режисер покажува дека приказната може успешно да се раскаже и без зборови, со помош на сликите, боите и звуците, кои ги држат сетилата.“

НАГРАДА ЗА ЕТИЧКИ ИДЕИ – филмот со најдобар етички пристап

Жири Катри Мерикалио, Маријане Гизае и Влатко Галевски

ПОБЕДНИК: „ Совршениот Круг” на Клаудија Тоси

„Филмот посебно се издвојува поради третманот на универзалниот и чувствителен проблем во приказната и посебениот пристап на режисерката кон протагонистите. Нема однапред испланирани агенди во позадината ниту пак директно вмешување во дејството. Камерата го документира само она што се одвива пред неа. Филмот создава подлабоко разбирање за неизбежниот дел од животот- смртта. “

ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ: „ Бисерното Копче “на Патрицио Гузман

„Филмот е за доморордни народи од Патагонија и нивната судбина. Кога се уништува група на домородни народи, не исчезнува само нивната култура, јазикот и духот,  туку се уништува и дел од светската цивилизација и конечно, нашата сопствена егзистенција. Филмот не’ потсетува дека човечката етичност и слобода не зависат од Бога, а уште помалку од полицијата.“